Мигрантите добиваат безбедна хуманитарна помош во храна
- Сабота, 05 Септември 2015 17:48
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство вршат континуирани контроли на безбедноста на храната која како хуманитарна помош им се дели на мигрантите кои транзитираат низ Република Македонија, без оглед дали станува збор за храна од домашно производство или од увоз.
Нема застој во дистибуцијата на хуманитарната помош во храна која доаѓа од увоз, за која како и за секоја друга пратка се вршат контроли од аспект на исполнување на општите и посебните критериуми за безбедност на храната. За хуманитарната помош во храна не се плаќаат административни и други такси кои се однесуваат на комерцијалниот увоз на храна.
Агенцијата за храна и ветеринарство е во постојана, секојдневна комуникација и координација со Центарот за управување со кризи и ресорните министерства за здравство, за внатрешни и надворешни работи, со Царинската управа на Македонија и другите надлежни институции, како и со невладините организации вклучени во давање помош и делење на хуманитарна помош во храна за мигрантите.
Тие, со одобрение на Агенцијата за храна и ветеринарство имаат регистрирано собирен центар за хуманитарна помош во храна, каде под надзор и со контрола од овластен инспектор се врши собирање, селектирање и дистрибуција на хуманитарната помош.
Само овластени лица од овие невладини организации имаат пристап до собирниот центар, и истите од страна на инспекциските служби, се едуцирани за тоа какви производи да собираат и на кој начин да ги дистрибуираат до мигрантите, од аспект на исполнување на безбедносните критериуми за храната.
Хуманитарната помош во храна по извршената инспекциска контрола се дистрибуира до прифатните центри каде што се сместени мигрантите.