BTSF
- Четврток, 23 Јануари 2014 15:31
Подобра обука за побезбедна храна -Better Training for Safer Food (BTSF)
Во глобалниот свет со огромен обем на трговија со храна, вистински предизвик е да се одговори и да се постигне усогласеност со правилата за безбедност на храната кои секојдневно се надополнуваат и надградуваат. За правилно спроведување на пропишаните правила потребна обука која е прилагодена кон измената на законодавството на ЕУ.
Водена од оваа идеја, Европската комисија под покровителство на Генералниот Директорат за Здравје и Потрошувачи, во 2006 година ја промовира иницијативата Better Training for Safer Food (BTSF), врз основа на Регулативата (EК) Бр. 882/2004 за официјални контроли кои се вршат со цел да се верификува усогласеноста со законот за храна, законот за храната за животни, правилата за здравствена заштита и благосостојба на животните.
Целта на BTSF програмата е да се воспостави стратегија за обуки наменети за надлежните органи на земјите членки вклучени во официјалните контроли, со цел да се обезбеди високо-квалитетна едукација за да се верификува дека официјалните контроли се спроведуваат на униформен, објективен и соодветен начин во сите земји членки, да се обезбеди поголема ефикасност при спроведувањето на официјалните контроли како и да се верификува усогласеноста на прехранбената индустрија со законодавството на ЕУ во однос на безбедност на храната, ветеринарната и фито-санитарната политика.
Оваа програма за обуки исто така има важна улога за третите земји и особено земјите во развој со цел надлежните органи кои се вклучени во вршење на официјални контроли од областа на законот за храна, законот за храна за животни, правилата за здравствена заштита и благосостојба на животните како и правилата за здравствена заштита на растенијата, да се запознаат со барањата на ЕУ за увоз, што ќе овозможи полесен пристап на нивните производи и поголема конкурентност на пазарот на Европската унија.
Ефикасното и хармонизирано спроведување на официјалните контроли претставува клучен фактор во процесот на одржување високо ниво на заштита на потрошувачите, здравствена заштита на животните и заштита на здравјето на растенијата.
Главна цел на оваа иницијатива е организација и развој на стратегијата за обука на Европската унија со цел:
• да се обезбеди и одржи високо ниво на заштита на потрошувачите и здравствената заштита и благосостојба на животните и заштита на здравјето на растенијата,
• промовирање на хармонизиран пристап при спроведување на системите за контрола,
• создавање еднакви можности за сите оператори со храна,
• подобрување на трговијата со безбедна храна,
• обезбедување фер трговија со третите земји и земјите во развој.
Согласно надлежностите на Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија – контрола на безбедност на храната и храната за животни, здравствената заштита и благосостојбата на животните, ветеринарно јавно здравство и контрола на лабораториите кои даваат поддршка за потребите на институцијата – истата започнувајќи од 2007 година е национална контакт точка за специјализираните обуки во организација на Генералниот директорат на Европската комисија за “Здравје и потрошувачи” DG SANCO, согласно програмата “Better training for safer food”.
- Пред
- Следно >>