ПРЕСТРУКТУИРАЊЕ НА ОБЈЕКТИ И ОПЕРАТОРИ СО ХРАНА ОД ЖИВОТИНСКО ПОТЕКЛО
- Понеделник, 02 Декември 2013 09:32
ПРЕСТРУКТУИРАЊЕ НА ОБЈЕКТИ И ОПЕРАТОРИ СО ХРАНА ОД ЖИВОТИНСКО ПОТЕКЛО
Согласно Законот за безбедност на храната
Правните и физички лица кои вршеле дејности утврдени со Законот за ветеринарно јавно здравство пред влегувањето во сила на Законот за безбедност на храната, а кои не се усогласени до крајниот период од две години од влегувањето во сила на Законот за ветеринарно јавно здравство, се должни да спроведат унапредување на објектите кои не се во сообразност со прописите за безбедност на храна и ветеринарно здравство согласно со роковите и на начин утврден во подзаконски акти.
Субјектите влезени во процес на преструктуирање се должни, во рок од шест месеци од денот на преоцената, да поднесат барање за привремено одобрување со план за унапредување на објектот и усогласување на своето работење согласно со прописите за безбедност на храната и ветеринарно здравство и релевантните прописи на Европската унија до Агенцијата на нејзино одобрување.
Доколку планот е оценет како прифатлив на објектот и операторот со храна од животинско потекло му се издава привремено одобрение за објектот со временска рамка на отстранување на несообразеностите.
По завршувањето на постапката на унапредување на објектот, операторите со храна од животинско потекло се должни да поднесат барање за постојано одобрение.
Објектите и операторите со храна кои нема да достават барање за привремено одобрување и план за унапредување на објектот и усогласување на своето работење до Агенцијата, или субјектите чија пријава нема да биде одобрена односно не го испочитуваат преодниот период за усогласување го губат правото на вршење на дејност и се бришат од Регистарот на одобрени и регистрирани објекти и оператори со храна од животинско потекло.
По исклучок, објектите и операторите со храна од животинско потекло, кои се проценети како несообразни со барањата на Европската унија од аспект на структуралните барања, може да продолжат со вршење на својата дејност под условите утврдени за локализирана активност, а во согласност со другите одредбите од законот до една година пред денот на пристапување на Република Македонија во Европската унија.
Начинот на спроведување на постапката на преструктуирање на објектите и операторите со храна од животинско потекло, моделот на барања и роковите за спроведување на активностите на постепено унапредување на објектите кои не се во сообразност со прописите за безбедност на храна и ветеринарно здравство поблиску се пропишани со Уредба на Владата на Република Македонија (Службен весник на РМ број 32/2013).