УНДП
- Петок, 29 Ноември 2013 15:05
Вовед
УНДП како организација обезбедува поддршка на Владата на Република Македонија во насока на приближување на земјата кон Европската унија преку градење на инклузивно општество- каде што секој има пристап до услугите и можност да учествува во донесувањето на одлуки кои влијаат на нивните животи. Со пристапот на одржлива иднина, УНДП овозможува алатки во исполнувањето на долгогодишни и идни предизвици на државата. Помошта и поддршката вклучува развој на човечки и институционални капацитети, обезбедување на знаења, нудење решенија, градење на партнерства и обезбедување на развојни фондови.
Проект - Поддршка кон пристапувањето во ЕУ на институциите вклучени во Поглавје 12
УНДП во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство спроведува проект - Поддршка кон пристапувањето во ЕУ на институциите вклучени во Поглавје 12- Безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика, при што преку состаноци, работилници и експертски мисии се разгледуваат сите аспекти на пристапувањето кон ЕУ, особено во делот на преговарачкиот процес, транспозиција на законодавство, имплементација на законодавството и зајакнување на институциите.
Имено, како најнова членка на ЕУ, Хрватското искуство во овој процес е од големо значење. Од таа причина овој проект се реализира со ангажирање на хрватски експерти кои ќе го пренесат своето искуство во сите релевантни фази во процесот на приклучување на Република Хрватска во ЕУ, во доменот на Поглавје 12.
Посебно внимание се обрна на пречките/ограничувањата, ризиците и активностите потребни во текот на процесот, споделувањето на научените лекции, идентификација на најдобра можна позиција/пристап на националните органи во однос на преговорите за имплементација на ЕУ легислативата, вклучувајќи го преодниот период за Поглавје 12 , како и идентификација на приоритетните последователни активности, во согласност со приоритетните потреби на АХВ.
Понатаму во текот на спроведувањето на проектот ќе се разработат повеќе детали за скрининг процесот, специфични примери во процесот на хармонизација на законодавството, отворање и затварање на одредници, подготвување и презентација на преговарачките позиции, континуитет на активности поврзани со пристапот во ЕУ, цели и можности. Беа предложени и одредени препораки за подобро разбирање на процесот на пристапување и можни форми на идна помош.
Тековни активности
Во периодот од 16-20 Декември 2013 година закажана е експертска мисија која се однесува на здравствена заштита и благосостојба на животните, на која ќе се посвети посебно внимание на проблемите при имплементација на законодавството на ЕУ во оваа област.
Идни активности
Во текот на 2014 година се очекува спроведување на дополнителни специфични експертски мисии кои ќе покријат посебни области од Поглавјето 12, како правила и услови за внатрешен промет, постапки и контроли при увоз на пратки со живи животни и храна, унапредување на системот на категоризација на објекти за производство на храна, подобрување на системот за нештетно отстранување на отпад од животинско потекло итн.