Квалитет на храна од животинско потекло - Вовед
- Понеделник, 11 Ноември 2013 09:31
Квалитет на храна од животинско потекло
Операторите со храна може да произведуваат и ставаат во промет единствено храна која ги исполнува пропишаните барања за квалитет.
По исклучок операторот со храна може да стави во промет храна која не ги исполнува пропишаните барања за квалитет, под услов да не се изменети карактеристичните својства на дадениот тип на храна, храната одговара на пропишаните барања за здравствена исправност и означување на храна и е соодветно означено за кои отстапувања се однесува тој тип на храна.
Поблиските барања во однос на квалитетот на храната се уредени со
Законот за безбедност на храна
Законот за квалитет на земјоделски производи:
Со наведените закони се уредуваат
- класификација, категоризациjа и називи на храната,
- физички, хемиски, физичко хемиски и сензорни карактеристики и состав на храната од аспект на квалитет,
- физичко-хемиските и сензорните карактеристики и видот и количеството на суровини, адитиви и други материи кои се употребуваат во производството и преработката на храна од аспект на квалитет,
- методи на земање на мостри и аналитички методи на контрола на квалитетот на храната и
- посебните барања за пакување и означување на храна во однос на квалитетот и потеклото на храната од животинско потекло.
Со Законот за квалитет на земјоделските производи се изврши усогласување на националното законодавство со стандардите дефинирани во регулативите од Заедничката Земјоделска политика (ЗЗП) на Европската унија (Common Agricultural Policy - CAP).
Потребата од воведување на повисоки стандарди со кои производителите го гарантираат квалитетот на нивните производи се јави поради производство на вишок на производи, кои резултираа со ниски пазарни цени и се поголема неизвесност за пласман на земјоделските производи на светскиот и пазарот на Република Македонија.
Цели на политиката на квалитет се:
• Поттикнување на разновидност на земјоделското производство,
• Заштита на имињата на производите од злоупотреба и фалсификат,
• Информирање на потрошувачите за специфичниот карактер на производите и заштита на нивните интереси.
Со производство на производи со дефиниран квалитет се одржува конкурентноста и профитабилноста на земјоделско-прехрамбениот сектор и се овозможува следливост и подобро информирање на потрошувачите за природата и потеклото на истите.
Законот за квалитет на земјоделските производи во поедини сегменти се надополнува со Законот за безбедност на храната со што се заокружува правната рамка за уредување на секторот за квалитет и безбедност на храната и претставуваат основ за негово понатамошно оспособување и поинтензивен развој.
Согласно одредбите од Законот за квалитет на земјоделските производи Агенцијата за храна и ветеринарство е орган надлежен за спроведување на контролата на квалитетот на производите од животинско потекло пласирани на пазарот во Република Македонија, како и квалитет на храната за животни од животинско потекло.