Контрола на трихинелоза
- Понеделник, 02 Декември 2013 09:46
КОНТРОЛА НА ТРИХИНЕЛОЗА
Контролата на трихинелозата во месото е предмет на Правилникот за посебни барања за контрола на Trichinella во месото (Службен весник на РМ бр 127/2012).
Одредбите на овој правилник се применуваат на: методите на испитување на присутност на Trichinella во месото, постапувањето на Агенцијата за храна и ветеринарство и операторите со храна, доделување и отповикување на здравствениот статус, ветеринарно санитарните услови за увоз и начинот на спроведување на службени контроли и мониторинг на трихинелоза.
Земање примерок од трупови
Како дел од прегледот пост-мортем систематски во кланиците се земаат примероци од од секој труп на домашните свињи .
Примероци се земаат од секој труп и се испитуваат на присуство на Trichinella во лабораторија назначена од страна на Агенцијата, со користење на една од следните методи:
(а) референтната метода за откривање дадена во Глава I на Прилог I кој е составен дел на правилникот; или
(б) еквивалентната метода за откривање дадена во Глава II на Прилог I на правилникот.
Како дел од прегледот пост-мортем систематски во кланица или во објекти за обработка и расекување на дивеч се земаат примероци од труповите на коњи, диви свињи и други видови фармски и диви животни кои се приемчиви на Trichinella.
Земањето на примероци не мора да се спроведува доколку Агенцијата утврдила врз основа на анализа ризик дека ризикот за заразување со Trichinella за одредени фармски одгледувани или диви видови животни е незначителен.
По исклучок, месото од домашните свињи кое било подложено на третман на замрзнување во согласност со Прилог II кој е составен дел на правилникот, под надзор на официјален ветеринар не се испитува на присуство на Trichinella.
По исклучок, труповите и месото од домашни свињи кои се одгледуваат единствено за гоење и колење нема да подлежат на испитување на присуство на Trichinella доколку животните потекнуваат од:
1) одгледувалиште или категории на одгледувалишта кои Агенцијата официјално ги прогласила за слободни од Trichinella; или
2) регион каде ризикот од Trichinella кај домашните свињи е официјално прогласен за незначителен.
Листата на региони со незначителен ризик на Trichinella се објавува на веб страната на Агенцијата.
Труповите на животни кои се испитуваат на трихинелоза или деловите на истите, не смее да го напуштаат објектот пред да се утврди дека резултатите од испитувањето за Trichinella се негативни.
Отпадот од животинско потекло и нус-производите од животинско потекло кои не се наменети за исхрана на луѓето и кои не содржат ткиво на напречно набраздани мускули можат да го напуштат објектот пред да се добиени резултатите на испитувањето на Trichinella.
Обука
Персоналот вклучен во испитувањето на примероци на присуство на Trichinella треба да е соодветно обучено и да учествува во:
1) програма за контрола на квалитетот на испитувањата за присуство на Trichinella; и
2) редовно оценување на постапките на испитувањата, евиденцијата и анализа кои се употребуваат во лабораторијата.