Мониторинг програми
- Понеделник, 02 Декември 2013 09:44
МОНИТОРИНГ ПРОГРАМИ
Согласно Законот за безбедност на храната
Агенцијата го организира мониторингот за безбедноста на храната согласно со методологијата за спроведување на мониторингот.
Мониторингот за безбедноста на храната се спроведува преку: мерење, следење, оцена и контрола на одредени состојки на храната, состојба на храната, кои овозможуваат исполнување на општите и посебните барања за безбедност на храната и следење на состојбата на безбедноста на храна.
План за надзор и мониторинг на резидуи и недозволени супстанции
(1) Мониторинг над одгледувањето на животни и примарното производство на храна од животинско потекло се врши заради откривање на присуство на резидуи и недозволени супстанции кај живи животни, производи и суровини од животинско потекло.
(2) Агенцијата изготвува годишен план за мониторинг на резидуи и недозволени супстанции кај живи животни, производи и суровини од животинско потекло.
Националната мониторинг програма за контрола на резидуи е наменета за набљудување и откривање на причините за ризиците од појава на резидуи во храната од животинско потекло на ниво фарма, кланица млекарници, во објекти за преработка на риби, центар за собирање и пакување на јајца.
Минималниот број на официјални мостри кои треба да се земаат се дефинирани во согласност со Националниот мониторинг план за резидуи во тековната година, или по наредба издадена од Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија до официјалните ветеринари во подрачните единици.
Секоја мостра може да биде анализирана за детектирање на присуство на една или повеке супстанции. Каде и да се земат официјалните проби, мострирањето треба да биде непредвидено, неочекувано и изведено во неопределено време и во неопределен ден од неделата.
Националниот мониторинг план за контрола на резидуи од ветеринарно медицински препарати и контаминенти во живи животни и во храна од животинско потекло има за цел да утврди присуството на резидуи и супстанции посочени во Прилог I од Правилникот за начинот на вршење на мониторинг и контрола на присуството на резидуи и контаминенти во живите животни и храната од животинско потекло, начинот на вршење на официјалните контроли и постапките за мониторинг и контрола на резидуи и недозволени супстанции и мерките кои се преземаат во случај на сомнение и на позитивен наод на присуство на резидуи и недозволени супстанции (Службен Весник на РМ 80/2011), во живи животни, нивните екскременти, телесни течности и ткива, добиточна храна и вода за пиење и примарни производи од животинско потекло, преку:
-утврдување на недозволено администрирање на неодобрени супстанции и недозволено администрирање на одобрени супстанции;
-контрола на усогласеноста со максимално дозвоелени нивоа на резидуи од ветеринарно медицински препарати производи, максимални нивоа на пестициди и мониторинг на концентрацијата на контаминентите од природната средина;
- набљудување и откривање на причините за присуство на резидуи во храна од животинско потекло, превземање на корективни мерки како и транспарентност на резултатите.
Сите задачи, одговорности и овластувања во врска со службените контроли на закланите животни, обработката, производството, увозот, извозот, складирањето и прометот со производи од животинско потекло, како и кои производи кои се назначени како неподобни за човечка конзумација, се регулирани со Законот за безбедност на храна (Службен Весник на Република Македонија бр.157 од 2010 година).
Агенцијата за храна и ветеринарство (Сектор за Ветеринарно Јавно Здравство) е одговорнa за изготвување на националната мониторинг програма за контрола на резидуи, координација на активностите помеѓу подрачните официјалните ветеринари, персоналот од лабораторијата, собирање, евалуирање и сумирање на добиените податоци од записниците од страна на подрачните ветринарни инспектори и лабораториските резултати, комуникација со Комисијата на Европската Унија за поднесување на годишниот план и резултатите од предходната година, надзор на процесот на мониторинг на резидуи, додека официјалните ветеринарни се одговорни за имплементација на националната мониторинг програма за контрола на резидуи на терен.
Спроведувањето на планот и имплементацијата на Националната мониторинг програма за контрола на резидуи, во моментов директно ги вршат 56 официјални ветеринари организирани во 25 подрачни единици и поделени во 6 региони.
Вклучени страни во процесот на планирање на Националната мониторинг програма за контрола на резидуи од ветеринарно медицински препарати и контаминенти кај живи животни и производи од животинско потекло се Агенцијата за храна и ветеринарство и Институтот за храна при Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје во својство на назначена референтна лабораторија.
РЕЗИДУИИ ОД ВМП
За контрола на присуство на резидуи од ветеринарно медицински препарати недозволени супстанции или производи и контаминенти, сите правила и задачи се опишани во Правилникот за начинот на вршење на мониторинг и контрола на присуството на резидуи и контаминенти во живите животни и храната од животинско потекло, начинот на вршење на официјалните контроли и постапките за мониторинг и контрола на резидуи и недозволени супстанции и мерките кои се преземаат во случај на сомнение и на позитивен наод на присуство на резидуи и недозволени супстанции (Службен Весник на РМ 80/2011).
Овој Правилник е во согласност со Директивите на Советот 96/23/ЕК и 96/22/ЕК, како и Одлуките 97/747/ЕК и 98/179/ЕК.
Ветеринарно медицински препарати можат да се стават во промет и да се користат единствено ако претходно се регистрирани, што значи да бидат одобрени од надлежниот орган – Агенцијата за храна и ветеринарство.
Максимално дозволените граници за резидуи од ветеринарно медицински препарати (MRL) за одредени производи од животинско потекло се дадени во листата за фармаколошки супстанции дозволени за употреба во ветеринарната медицина (Службен Весник на Република Македонија Бр.140/2012).
ХОРМОНИ И ЗАБРАНЕТИ СУПСТАНЦИИ
Недозволените супстанции за третман на животни за производство на храна дадени во Решение за забрана за производство, увоз, поседување, продажба, снабдување и/или употреба на одредени видови ветеринарно-медицински препарати (Службен Весник на РМ 132/2010) се: стилбени и деривати на стилбените, нивни соли и естри, антитироидни субстанции, стероиди, кисели лактони од резолин вклучувајќи зеранол, β-агонисти и субстанции (табела 2 од Регулативата (EU) No: 37/2010 од 20 јануари 2010).
Според Правилникот за општите барања за безбедност на храната (Службен Весник на Република Македонија Бр. 118/2005) храната од животинско потекло не се употребува ако во неа се најдат остатоци од тиреостатски супстанци, стилбени, деривати на стилбени, нивни соли и естри, естрадиол 17β и деривати на неговите естри како и бета-агонисти.
Со Одлуката за забрана на производство, увоз, поседување, продажба, снабдување и/или употреба на одредени ветеринарно медицински препарати (Службен Весник на Република Македонија Бр. 132/2010) се забранува производство, увоз, поседување, продажба, снабдување и/или употреба на одредени ветеринарно медицински препарати кои се наменети за аплицирање кај фармски животни за производство на производи за човечка конзумација и аквакултура вклучително: тиреостатски супстанци, стилбени, деривати на стилбени, нивни соли и естри, естрадиол 17β и деривати на неговите естри, бета-агонисти, стероиди, кисели лактони од резолин вклучувајќи зеранол и фармаколошки активни субстанции кои не може да се одреди максималното дозволено ниво (Chloramphenicol, Chloroform, Chlorpromazine, Colchicine, Dapsone, Dimetridazole, Metronidazole, Nitrofurans вклучувајќи и Furazolidone и Ronidazole).
ПЕСТИЦИДИ
Максимално дозволените нивоа на резидуи на одредени супстанции (пестициди, микотоксини, тешки метали, и други контаминенти) се дадени во Правилникот за општите барања за безбедност на храната (Службен Весник на Република Македонија Бр. 118 /2005 година).
Гореспоменатата национална легислатива која се однесува на ветеринарно медицински препарати, неодобрени супстанции и контаминенти е хармонизирана со соодветната ЕУ легислатива.
Во случај кога MRL или ML за некои супстанции кои не се хармонизирани, за потребите на Националниот Мониторинг План за Резидуи, соодветните MRL или ML препорачани од ЕУ легислатива се земаат во предвид.
Мониторинг на зоонози и предизвикувачи на зоонози
(1) Агенцијата спроведува мониторинг на зоонози и предизвикувачи на зоонози со цел да ги идентификува и карактеризира опасностите, да ја процени изложеноста и да го утврди ризикот поврзан со зоонози и предизвикувачи на зоонози.
(2) Мониторинг ќе се врши во сите фази на ланецот на храна, во фаза која е најсоодветна за одредена зооноза и предизвикувачи на зоонози.
(3) Агенцијата донесува повеќегодишен контролен план за мониторинг на зоонози и предизвикувачи на зоонози.